Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека за нас реципроцитетот е најважен во имплементацијата на Протоколот.
-Тој Протокол е билатерален и е записник од годишна средба на министрите за надворешни прашања, што е инструмент на Договорот од 2017. Таков еден Протокол имаме потпишан во 2019 од Димитров и од Захариева каде што покрај другите работи ја охрабруваат историската комисија да најде решение за историските прашања. Значи тоа не е нешто што првпат се прави. Ова сега што го правиме и го разговараме е важно за натамошниот тек на имплементација на работите, а нам ни е битно да има реципроцитет за најголем дел од работите секаде каде што може, тоа значи дека тоа што би требало и ние да го правиме, треба да го прави и Бугарија, истакна вицепремиерот Маричиќ во интервјуто на „Канал 77″.
Маричиќ притоа го објасни 34-то Поглавје, кое се отвора на самиот крај на преговорите и со кое се констатира дека со негово затворање македонскиот јазик станува официјален јазик на ЕУ.
-Триесет и четвртото Поглавје е со назив Институции. Тоа Поглавје е да речам формално, нема скрининг, затоа што не се работи за некои европски правила, стандарди, туку се нарекува Институции каде што се распределува бројот односно квотата колку на Северна Македонија ќе ѝ припадне места во европските институции за вработување, колку европратеници ќе имаме и како ќе учествуваме, на кој начин и со која бројка во институциите и на кое ниво, и на кој јазик, изјави Маричиќ, додавајќи дека на крајот на ова Поглавје се официјализира јазикот, а ние до тогаш ќе сме го имале многу пати веќе користено терминот македонски јазик во сите документи на Европската Унија.
За вицепремиерот Маричиќ, Северна Македонија има јасна позиција дека нејзина стратешка цел е членство во ЕУ и смета дека е тоа најдобар пат, иако секогаш има алтернативи, кои разумно треба да се разгледаат какви концепти нудат.
-Ние отсекогаш сме имале јасна позиции дека сме за ЕУ и за тоа сметаме дека е најдобар пат. Иако нашиот пат до ЕУ беше трнлив. Не треба да размислуваме за алтернативи. Дојдовме во точка да имаме пред нас компромисен предлог кој ни дава шанса да седнеме на масата со европските развиени земји, каде што ќе можеме да ги кажеме нашите ставови и да влијаеме. Економски развиена држава, социјална држава, демократија, сигурност и поврзаност со сите демократски држави во Европа е тоа што треба да го цениме како вредност, рече Маричиќ.
Вицепремиерот ја повтори поддршката која ја добиваме од земјите членки на ЕУ, кои очекуваат од нас изјаснување за предлогот, но и дека истовремено мораме да бидеме реални дека постојат структури кои не ѝ мислат добро на нашата држава ниту на регионот и влијаат со тенденција да останеме во изолација и без перспектива.
-Важно да ја задржиме државата на европскиот пат. Навистина ќе биде штета да пропадне шанса и прилика која не знаеме дали по неколку месеци или по неколку години ќе ја добиеме пак. Не е добро за нас да бидеме повторно тема на изборите во Бугарија, да се отвора простор за дискусија за нашата европска иднина и да собираат поени на македонското прашање кога имаме чиста ситуација во нашиот македонски јазик, прв пат во историјата на нашите односи со Бугарија, потенцираше Маричиќ.