Претседателот на Шри Ланка Готабаја Рајапакса денеска побегна од својата официјална резиденција непосредно пред демонстрантите, гневни поради досега невидената економска криза, упаднаа и го окупираа комплексот, пливаа во претседателскиот базен и објавуваа снимки на социјалните мрежи, пренесоа агенциите.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, денеска се согласил да поднесе оставка откако лидерите на партиите во парламентот побарале тој и претседателот Готабаја Раџапакса да отстапат од должноста.
NOW – Protesters storm the presidential palace in Sri Lanka's capital.pic.twitter.com/Wv6oQ10kBQ
— Disclose.tv (@disclosetv) July 9, 2022
Портпаролот на премиерот, Диноук Коламбаге, изјавил дека Викремесинге им пренел на партиските лидери дека ќе поднесе оставка кога сите партии ќе се сложат за формирање на нова влада.
Неговата одлука следела по најголемиот протест кој досега се случил во Шри Ланка, откако илјадници демонстранти ги пробија барикадите и влегоа во резиденцијата и канцеларијата на Раџапакса за да го искажат својот бес против лидерот кој го сметаат за одговорен за најлошата економска криза.
Војниците и полицијата не биле во состојба да ги совладаат демонстрантите кои се пробиле низ тешката метална врата во кабинетите на Министерството за финансии и на претседателот, известува „Ројтерс“.
Претседателот е преместен на безбедна локација, известуваат медиумите, а на социјалните мрежи кружат фотографии и снимки на кои се гледа како стотици лица шетаат по резиденцијата, додека некои од нив скокаат во базенот.