Државјанин на Северна Македонија е спасен, а по две лица се трага во Посиди на првиот крак на Халкидики, откако тројцата влегле во морето, но веројатно биле повлечени од струите и брановите, поради лошото време, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што јави грчката телевизија „Скај“, исчезнатите го прославувале роденденот на забава на плажа. Тие скокнале во водата и ги однела струјата. Додека најмладиот кој има 25 години бил спасен од сурфер, по другите двајца кои имаат 28 односно 30 години уште се трага.
Од Крајбрежната служба на Грција за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека спасениот е од Северна Македонија, станува збор за 25-годишно момче и е во добра здравствена состојба, додека пак спасувачката акција што е во тек за пронаоѓање на двајцата исчезнати, чиј идентитет и националност не се познати, е во услови со силен ветер од пет до шест бофори.
Во спасувачка акција на плажата Мити во Посиди според локалните медиуми учествуваат брод на крајбрежната служба, еден рибарски чамец и хеликоптер на военото воздухопловство. На плажата „Мити“ пливале туристи, пренесува Екатемерини повикувајќи се на локалните медиуми.
– Местото е премногу опасно и затоа локалното население никогаш не оди таму. Имаше многу бранови и ветер и во тој момент се спојуваат струите на двете мориња и тоа е многу опасно – рече градоначалничката на првиот крак, Анастасија Чалкија, нагласувајќи дека штом ќе се стемни ќе биде тешко да се продолжи со потрагата.