Пристигнати се вкупно 691 апликација на четирите јавни огласи за доделување под закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари кои ги распиша Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Вкупната површина која со овие четири јавни огласи беше ставена на располагање е 4.294 хектари распределени во 31 регион низ државата.
Намената на овие четири јавни огласи е за подигнување на долгогодишни насади и оранжерии за период до 30 години, подигнување на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигнување на маслинарници за период до 50 години, поставување на пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри за период до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности за рурален туризам до 30 години.
„Бележиме голем интерес кај земјоделците на сите мерки и огласи на МЗШВ. За таа цел, само преку распишаните седум јавни огласи на располагање на земјоделците и земјоделските стопанства ставивме вкупно 13.785 хектари земјоделско земјиштe со површини до и над 3 хектари, со намена за обработка на житни култури, подигнување на долгогодишни насади и производство на сточна храна”, информираат од МЗШВ.
Во тек се два јавни огласи за доделување под закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари за подигнување на долгогодишни насади и за производство на сточна храна. Вкупната површина која со овие два јавни огласи се става на располагање изнесува 3.769 хектари. Рокот за аплицирање истекува на 21 јули, а огласите се достапни на следните линкови.
http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2688
http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2689
Целта на Министерство е секоја слободна и обработлива педа земја да биде дадена на земјоделците и ставена во функција за производство на храна. Исто така, МЗШВ разгледува и модел како слободното приватно земјоделско земјиште кое не се обработува да биде ставено во функција за обработка и производство на храна.