Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска го поставија камен-темелникот на првата градинка во населбата Пролет.
Проектот, како што информираше Герасимовски, е целосна инвестиција на Општина Центар, во износ од 154.243.997 денари. Новата градинка ќе има подрумски простори, приземје и еден кат со капацитет за згрижување 150 дечиња во девет занимални. На површина од 3.276 метри квадратни, оваа градинка ќе биде една од најголемите детски градинки во државата.
– За нас инклузивноста во образовниот процес е особено важен, затоа во градинката имаме надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост, ќе биде изграден и лифт за лица со инвадилитет и попреченост во движење. Особено важно е што градинката ќе располага со просторија за лекар, со изолација за дете и просторија за стручни соработници. Предвидена е изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо приготвена и здрава храна, соопшти градоначалникот на Општина Центар.
Министерката Тренчевска ја поздрави идејата да се вклучат и децата со попреченост, бидејќи како што посочи секое дете има право да биде дел од предучилишното образование.
– Ме радува што при креирање на проектот, особено се внимавало и на просторот на игра во надворешниот дел, урбана градина, простор исполнет со песок и земја, детски реквизити до кои можат да пристапат деца со попреченост. Ова е особено важно бидејќи децата учат низ игра, се стекнуваат со вештини, се социјализираат и градат пријателства, изјави министерката.
Таа најави дека до крајот на годината предвидено е отворање на уште 13 објекти на територија на цела држава со опфат за околу 1.360 деца и дополнително 15 градинки коишто се во тек и кои ќе бидат отворени во текот на 2023 година со вкупен капацитет од 1.905 деца.
– Од 2017 година до денес само на територија на градот Скопје се отворени 17 нови детски градинки, а до крајот на годината е предвидено отворање на уште четири објекти во општина Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и општина Сопиште, а градинките во општина Чаир и Арачиново коишто се во тек на градба ќе бидат отворени во текот на 2023 година, соопшти Тренчевска и додаде дека со новите градинки, бројот на децата коишто ќе бидат опфатени во предучилишното образование ќе се зголеми, особено на територија на град Скопје каде што има дефицит од градинки.