Францускиот предлог, кој владата го достави до парламентот за одблокирање на евроинтегративниот процес на С. Македонија ќе оди на пленарна седница на Собранието. Така реши спикерот Талат Џафери по денешната координација со претставниците на пратеничките групи, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
-Согласно Деловникот, претседателот соодветно ќе информира за датумот за свикување на пленарната седница на чиј што дневен ред ќе биде Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, соопштија од Собранието.
Кога ќе биде тоа, засега не се прецизира. Опозицијата останува на барањето формално да ѝ бидат доставени сите документи од предлогот, иако владата уште минатата недела го објави целиот француски пакет.
На средбата е договорено пратениците од опозицијата да ги добијат материјалите кои ги бараат и врз основа на кои треба да се изготват заклучоци.