Телефонски разговор на Путин и Ердоган за извозот на жито од Украина, наскоро планираат и средба

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, по телефонскиот разговор за можноста за извоз на жито од Украина, планираат да се сретнат во блиска иднина, објави денеска Кремљ.

Од 24 февруари, кога Русија ги испрати своите вооружени сили во Украина, Турција е посредник меѓу Москва и Киев. Последните разговори меѓу претставниците на Русија и Украина се одржаа во Истанбул на крајот на март.

„Продолжи размената на мислења за ситуацијата околу Украина, особено во контекст на заедничките напори да се обезбеди безбедно движење низ Црното Море и за извозот на жито на светските пазари”, се вели во соопштението од Кремљ.

Турската државна новинска агенција Анадолија објави дека Ердоган денеска му рекол на Путин дека е време да се дејствува во согласност со планот на Обединетите нации за поморски коридор низ Црното Море за извоз на украинско жито.
Украина, која е еден од најголемите производители на жито во светот, од почетокот на конфликтот не може да ги користи поморските пристаништа кои се клучни за извозот, поради што извезуваа три пати помалку жито од претходно.
Поради недостигот на украински житарки, цената на храната во светот се зголеми, што кај многумина создаде страв за безбедноста на снабдувањето со храна.
Турција, членка на НАТО која има добри односи со Москва и Киев, ја критикуваше руската воена операција. Сепак, таа ги отфрли западните санкции наметнати на Русија.
Кремљ додаде дека Путин и Ердоган разговарале и за Сирија, каде двете земји имаат распоредено вооружени сили.
Исто така, ја истакна важноста од трилатерални средби за мировните преговори во Астана, на кои ќе учествува и Иран, кој исто така е воено ангажиран во Сирија.
Треба да знаете
Последни објави