Најбогатиот Украинец Ринат Ахметов синоќа изјави дека ја предава целата своја медиумска империја на државата, како дел од законот кој има за цел да го намали влијанието на олигарсите врз економијата.
– Оваа недела Медиа Груп Украина (Media Group Ukraine) ќе и ги предаде на државата сите украински лиценци за нашите телевизиски канали и печатени медиуми. Исто така, ќе ги прекинеме нашите онлајн медиумски активности, рече Ахметов.
Бизнисменот (55) додаде дека одлуката ја донел поради стапувањето во сила на законот кој има за цел „да се спречи ризикот од прекумерно влијание на олигарсите врз националната безбедност на земјата”. Законот беше усвоен во септември 2021 година. Ахметов изрази жалење што шестмесечниот законски рок за продажба на имотот на компанијата, кој доаѓа во екот на руската инвазија на Украина, ја спречува неговата група да ги „продаде своите медиумски активности по пазарни услови”.
Неговата медиумска група поседува 10 телевизиски канали, неколку информативни програми, видео-платформа и веб-страница за вести. Според проценките на магазинот Форбс, Ахметов има богатство од 4,2 милијарди долари и е претседател на фудбалскиот клуб Шахтјор Доњецк.