Во Варшава маж наводно поставил експлозив на улица

Обвинителството во главниот град на Полска денеска сослушува сведоци и собира докази, откако 31-годишен маж, наводно, поставил моќен експлозив во прометниот центар на Варшава.

Според портпарол на полското обвинителство, истражните органи побарале вештачење за видот и потенцијалниот опсег на експлозивната направа.

Официјален претставник на обвинителството не даде други детали за уредот што мажот наводно вчера го извадил од ранец и го поставил на тротоар, на неколку блока од претседателската палата и во близина на туристичкиот дел на Стариот град.

Повеќе од 300 луѓе учествуваа на комеморативниот марш за полските жртви масакрирани за време на Втората светска војна, кога полицијата го приведе мажот и ја евакуираше областа, а контрадиверзантска единица ја отстранила сомнителната направа.

Осомничениот ќе биде сослушан утре. Нему му се заканува казна затвор до осум години поради обвинение за загрозување на животот и здравјето на други со потенцијална експлозија, а соопштено е дека за него нема информации во полициската евиденција поради претходни казнени дела.

Во почетокот полицијата ја опиша ситуацијата како „сериозна”, но немаше експлозија и нема извештаи дека некој е повреден во инцидентот.

Треба да знаете
Последни објави