Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, на социјалните мрежи објави фотографии од посетата на спомен-куќата на Димитар и Константин Миладинови во Струга.
„Денеска, ја посетив спомен-куќата на славните преродбеници од 19 век, Димитар и Константин Миладинови, во нивната родна Струга. Просветителската дејност на браќата Миладиновци вградена во нашата колективна меморија е од суштинско значење за македонската култура и традиција. Обврската да го почитуваме и негуваме нивното дело е чест и привилегија за секој од нас“, напиша Пендаровски.
Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Ковачев, ја сподели објавата и напиша дека ова треба да биде последна објава што кој било претставник на Македонија ја пишува на ваков начин.
„Ова треба да биде последната објава што Стево Пендаровски, како и секој друг официјален претставник на Северна Македонија, го пишува на овој начин. Со францускиот предлог, почитувањето на договорот за пријателство и добрососедство ќе биде главниот, хоризонтален критериум за напредок на Скопје на патот кон преговорите за членство во ЕУ. Упатувањето во самата преговарачка рамка на протоколите од член 12 од договорот ги обврзува македонските функционери да се придржуваат во нивните официјални настапи на наративите веќе дефинирани од мешовитата историска комисија за ликовите и настаните од нашата заедничка историја.
Секако, за браќата Миладиновци набргу ќе расправа мешовитата историска комисија. Тогаш, покрај тоа што имаат големо значење за современата македонска култура, Пендаровски нема да може да го спаси тоа што имаат исто значење за бугарската култура, а пред сè, нема да може да премолчи дека тие самите ја нарекуваат својата збирка „Бугарски народни песни“, јазикот на кој е напишана – бугарски, а самите себеси Бугари.
На овој начин, верувам, ќе престанат со манипулативните и двосмислени изјави, како оние на самиот Пендаровски за Миладиновци или Гоце Делчев пред извесно време. Па, уште не сум сигурен дали ова ќе им помогне на вистинските бугарофили од Левицата и ДПМНЕ како оние од протестите деновиве, на кои пена им излезе од устата со спомнувањето на ‘Бугарите’“, вели Ковачев.