На прагот од шпицот на сезоната Будва не може да се пофали со максимална пополнетост на капацитетите во хотелите и во приватното сместување, пишуваат „Вјести“.
И додека се очекуваа на почетокот на јули колони автомобили и барање кревет повеќе, во метрополата на црногорскиот туризам, според официјалните податоци на Туристичката организација „Будва“, минатите седмици се престојувало 20-ина отсто помалку за разлика од јули минатата година.
Туристичките работници како главен проблем го посочуваат недостигот на гости од Украина и Русија, кои беа доминантни минатите години.
Помалку гости има и од Балканот затоа што оваа година се отворени некои дестинации, кои минатата година, поради пандемијата на Ковид-19, беа тешко достапни.
Според официјалните податоци, од Јаз до Буљарица престојуваат 26.432 гости, што е 19 отсто помалку за разлика од овој период минатата година.
Информациите се дека во хотелите одмораат 11.130 гости или 15 отсто помалку за разлика од јули 2021 година.
Во приватното сместување има дури 23 отсто помалку гости од споменатиот период лани.