Еден од најдобрите кошаркари на денешницата, центарот на НБА лигашот Филаделфија, Џоел Ембид (28), и официјално доби француско државјанство и ќе може да настапува за Триколорите на Олимписките игри 2024 во Париз.
Ембид, кој е роден во Камерун, доби француско државјанство врз основа на тоа што претходно и неговите родители станаа француски државјани.
Минатата сезона Ембид беше меѓу тројцата финалисти за наградата најкорисен играч во НБА лигата, со просек од 30.6 поени, 11.7 скокови и 4.2 асистенции по натпревар.
Центарот на Филаделфија уште во 2016 година ја контактираше Кошаркарската федерација на Франција со намера да настапи во нејзиниот дрес на Олимпијадата во Рио де Женеиро, но таа идеја тогаш наиде на отпор кај другите француски репрезентативци.