НБРМ: Основната каматна стапка зголемена на 2,50 отсто

На 12 јули 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари. Поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, коишто влијаат и на останатите видови производи, инфлацијата и натаму бележи нагорни движења, како во светски рамки, така и во нашата економија којашто е во голема мера зависна од увоз. Имајќи ги предвид инфлациските движења, но и движењата на девизниот пазар, Народната банка постојано ги користи сите расположливи инструменти за управување со ликвидноста и за влијание врз каматните стапки. Интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, од последниот квартал минатата година па наваму, придонесуваат за намалување на ликвидноста, а за да се одржи нејзиното оптимално ниво се користат и останатите инструменти, како што се депозитот преку ноќ, седумдневниот депозит, репо-операциите и благајничките записи. Во текот на годината, во два наврата беa направени и промени кај инструментот задолжителна резерва заради понасочено делување врз процесот на евроизација, којшто дополнително влијае врз побарувачката на девизниот пазар. Оваа мерка е во склад и со Стратегијата за денаризација на домашната економија. 

Народната банка продолжува со постепеното нормализирање на монетарната политика за одржување на среднорочната ценовна стабилност, преку понатамошно зголемување на основната каматна стапка. На седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 п.п., до нивото од 2,5%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. Се очекува дека досегашното зголемување на каматните стапки, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва во домашна и странска валута, и понатаму ќе делуваат и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедењето во домашна валута. 

При носењето  на одлуката, особено беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата. Во периодот јануари ‒ јуни 2022 година годишната стапка на инфлација изнесува 10%, во просек, што е повеќе во однос на последните проекции. Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања. Најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци. Имено, за првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу. Воедно, и кај цените на нафтата и кај цените на храната се очекува стабилизирање во втората половина на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украина. 

Девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата. Последните расположливи и високофреквентни податоци од девизниот пазар упатуваат на натамошно намалување на нето-побарувачката на девизи на небанкарскиот сектор, главно како резултат на намалената потреба за девизни средства на компаниите од електроенергетската дејност, како и на сезонски високата понуда на девизи на менувачкиот пазар. Приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата, при двојно повисок раст на понудата од растот на побарувачката на девизи во однос на истиот период лани, што делува поволно врз платнобилансната позиција и девизните резерви. Во последниот период е видливо и намалување на интересот кај домашните субјекти за конверзија на домашната во странска валута. Релативно поволните движења на девизниот пазар овозможија повремено присуство на Народната банка на овој пазарен сегмент, при што во јули за првпат од септември 2021 година беше остварен и откуп на девизи. 

Во првиот квартал од 2022 година, активноста во домашната економија оствари реален раст од 2,4% на годишна основа, сличен на остварувањата од претходниот квартал. Расположливите месечни податоци за економската активност за вториот квартал засега упатуваат на слични движења и во овој период. Имено, во периодот април  мај продолжува годишниот реален раст на индустриското производство и на прометот во трговијата, а во април значителното забавува падот на извршените работи во градежништвото. Но, со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и силниот одраз врз пазарите на примарните производи и синџирите на снабдување, се нагласуваат надолните ризици за растот. 

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според првичните податоци за јуни 2022 година, годишниот раст на вкупните кредити и натаму е солиден и е малку над проектираниот, при поумерен раст кај вкупните депозити.  

Во однос на глобалните движења, во јуни меѓународните финансиски пазари се карактеризираа со променливи движења, во услови на неизвесност. Во такви околности, како и во услови на затегнување на монетарната политика во САД и најави за пораст на каматната стапка на ЕЦБ, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната се намалија, односно нивните приноси забележаа пораст. Воедно, вредноста на САД-доларот во однос на еврото и натаму се зголемува, а на глобалните берзи беа забележани надолни корекции. 

Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се претежно поврзани со надворешното опкружување. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на ковид-19, којашто сѐ уште не е завршена. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците поврзани со нив и ќе продолжи со делување користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност.  

 

Треба да знаете
Последни објави