Поранешниот напаѓач на англиската фудбалска репрезентација и на Манчестер јунајтед, Вејн Руни (36), официјално е назначен за тренер на ДЦ Јунјатед, потврди синоќа американскиот клуб.
– Вејн во фудбалот е легенда и еден од највозбудливите и најдинамични тренери во подем во нашиот спорт. Тој веќе докажа во својата млада тренерска кариера дека умее да ги води екипите во немирни води, изјави потпретседателот на ДЦ Јунајтед, Џејсон Левин.
– Тој ја разбира нашата лига и тоа што е потребно за успех во МЛС, благодарение на двегодишниот престој во нашиот тим како фудбалер. Страста која ја покажуваше додека го носеше црно – црвениот дрес го наелектризира нашиот град и нашиот клуб, и многу сме возбудени што повторно го поздравуваме, овој пат како главен тренер, додаде вториот потпретседател на клубот од Вашингтон, Стив Каплан.
Руни, кој настапуваше за ДЦ Јунајтед од 2018 до 2020 година, доаѓа во Вашингтон, откако последните 17 месеци беше тренер на Дерби Каунти, кој поради финансиски проблеми испадна во третата англиска лига.