Градоначалникот на Гостивар и потпретседател на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во интервју за „Фокус“ тврди дека тешкиот инцидент, кој се случи на еден од протестите, кога неговиот сопартиец, Цуфи Кока, извади пиштол и пукаше кон масата демонстранти, биле испровоцирани од навивачките групи на ФК „Шкупи“ од Чаир, со кои управувал Артан Груби од коалициониот партнер на власта, ДУИ.
„Значи, ние воопшто не сме активни на протестите. Дури и не сме за протестите. Кој сака може да си протестира, кој не сака, не мора. Само во неколку наврати кажавме дека сме против говор на омраза. Инаку, на една од петте вечери што се протестираше, се случи тој немил настан пред Мавровка“, вели Таравари.
„Последните информации ми кажуваат дека тука директно се вклучени ДУИ и СДСМ. Јас лично до пред некој ден ги немав видено снимките, но откако убаво ги прегледав, видов дека над мостот одредени активисти, и тоа блиски до ДУИ и Артан Груби, фрлаа со камења“, објаснува Таравари.
Тој вели дека тоа се припадници на навивчката група на „Шкупи“, кои „практично ја испровоцирале целата ситуација“.
На прашањето дали целата работа била инсценирана, Таравари одговара потврдно.
„Дефинитивно. Иако, постои и еден друг дел од приказната. Една вечер пред тоа, поточно на 5 јули вечерта, е демолиран хотелот на човекот што пукаше со пиштол, кој јас воопшто не го оправдувам. Значи, нема оправдување за користење оружје во вакви ситуации. Меѓутоа, на снимките се гледа дека и полицијата е тотално пасивна, така што целта беше да се создаде тоа што Бујар Османи го најавуваше пред пет-шест дена. Добро е што заврши без некакви последици“, вели Таравари во интервју за „Фокус“.