Откажување на Академија Пандев од прволигашката фудбалска конкуренција во Македонија и фузионирање со градскиот ривал Беласица изминатите денови пред настапот во Конференциската лига беше топ-тема во фудбалските кругови. Раководството на помладиот струмички прволигаш ги демантираше гласините, а тоа го стори што уште еднаш и по средбата против Лехија, бидејќи тој чекор беше највен токму по елиминацијата на Академија Пандев од меѓународната сцена.
Тренерот Ѓорѓе Стојчев, покрај анализата на двомечот со полскиот тим Лехија се осврна и на шпекулациите, најавувајќи уште подобри времиња за струмичани.
-Кога излегоа информациите околу иднината на Академија Пандев, имавме состанок со фудбалерите и со Горан (Пандев – н.з.), кој демантираше дека ќе има некаква фузија или повлекување од Првата лига. Има само најави за инвеститор, кој сака да вложи во овој проект и го гледа како нешто многу добро, зашто сака работи на долги патеки. Ако влезе ќе биде добро за македонскиот фудбал. За други шпекулации околу иднината нема што да кажам, изјави Стојчев.
Пандев присуствуваше на денешниот натпревар во придружба на пријатели од САД, кои неофицијално треба да бидат и новите инвеститори.