Зетот на градоначалникот на албанскиот град Подградец одгледувал марихуана во селото Оровник-Охрид, јави Ора њуз телевизија. Според истиот извор, во акцијата биле уапсени десет лица, меѓу кои и зетот на градоначалникот на Поградец, Илир Џаколи, за кој се вели дека бил „сопственик во сенка на оваа фабрика“. Во кусиот телефонски разговор Џаколи рекол дека зетот е на одмор во Турција и негирал каква било поврзаност на неговиот зет во ова нелегална активност.
Од МВР потврдија дека Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со Комисијата за одобренија за одгледување канабис за медицински цели и СВР Охрид, врз основа на претходно обезбедена судска наредба, вчера изврши претрес и контрола над правно лице во село Оровник, општина Дебрца.
-При претресот беше констатирано дека видео-надзорот во целиот објект не работи, а беа пронајдени 2.388 растенија од канабис кои се одгледуваат во надворешни услови, спротивно на условите пропишани со Закон, 1.066 растенија расад од канабис, наспроти пријавената бројка од 616 засадени растенија, а во внатрешноста беа пронајдени 820 растенија од канабис, иако според претходните известувања испратени до Комисијата правниот субјект нема производство, поради реновирање на просторот.
Исто така, во една од просториите беа пронајдени гранки од растенија од канабис во фаза на сушење и готов сушен цвет, за што досега не ја известиле Комисијата, додека во сеф собата беа пронајдени 343 кг сув цвет од канабис, што според известувањата претставува вишок од 7 кг неевидентиран сув цвет од канабис само во собата и 269 кг ‘шејк’ (листови и гранки од канабис). Воедно, при претрес на поткровјето во правниот субјект беа пронајдени садови кои се користеле за производство на масло од канабис, иако наведеното правно лице нема дозвола за производство на вакво масло.
При контролата во објектот беше затекнато едно лице кое според евиденцијата на АВРСМ е невработено и 5 албански државјани, работно ангажирани во правното лице, но неевидентирани, за што е известен Секторот за странци при Одделот за гранични работи и миграции и Државниот инспекторат за труд и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како што соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Според констатираното при контролата, правното лице одгледува канабис за медицински цели во услови спротивни на прописите во повеќе сегменти, а во однос на процесот на одгледување на канабис за медицински цели, согласно Законот за контрола на опојни дроги, од страна на Комисијата беше составен Записник за констатирана состојба, известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки сите предмети се одземени. По документирање на доказниот материјал, од страна на СВР Охрид ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 95-В од Законот за контрола на опојни дроги. Од страна на Комисијата при Министерството за здравство ќе бидат преземени и дополнителни мерки во врска со ова правно лице.