Францускиот шампион ПСЖ ќе му понуди во следните денови продолжување на договорот на аргентинскиот фудбалер Лионел Меси до 30 јуни 2024 година, пренесува денеска шпанскиот спортски весник „Марка”.
Меси се пресели во клубот од Париз минатата година, а има договор со ПСЖ до 30 јуни 2023 година.
Извори од францускиот клуб блиски до „Марка” тврдат дека на аргентинскиот фудбалер ќе му биде понудено едногодишно продолжување на соработката, бидејќи во актуелниот договор нема клаузула за автоматско продолжување на соработката за уште една сезона.
Според шпанскиот весник, Меси конечната одлука се очекува да ја донесе по завршување на Мундијалот во Катар.
– Тој тогаш ќе ја процени својата физичка подготвеност, мотивацијата, а потоа ќе донесе одлука за понудата од клубот, наведува „Марка”.