Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имала работен состанок со експертите и тимот на USAID-CIDR Проектот, кои работат со CICWG – работната група за сајбер безбедност на критичната информациска инфраструктура на Република Северна Македонија.
На состанокот вицепремиерката Грковска се заблагодарила на тимот на USAID-CIDR Проектот за дадената експертиза и постојната поддршка во оваа област и изразила подготвеност да ја поддржи координацијата на активностите меѓу секторите кои работат на зајакнување на капацитетот на критичната инфраструктура во земјата.
Таа, како што информираа од нејзиниот кабинет, иницирала и координација со Естонските експерти кои веќе имаат изготвенo извештај за земјите од Западен Балкан во делот на сајбер безбедноста.
Вицепремиерката Грковска оценила дека во процесот на дигитална трансформација на општеството за Република Северна Македонија од клучна важност е засилувањето на сајбер капацитетот во нашата држава.
– Важно е сајбер безбедноста да не се третира како трошок во една држава, туку како инвестиција. Но истовремено треба да се обрнува внимание и да се зголеми свесноста за сајбер безбедноста и кај граѓаните и кај бизнис секторот, посебно во делот на пријавување на сајбер напади,потенцирала Грковска, се наведува во соопштението.
Од страна на експертите и тимот на USAID-CIDR биле презентирани досегашните активности, но и предлозите за следните активности и моделот на 8+1 сектори на критична информациска инфраструктура, кој треба дополнително да се договори со носителите на секторите и регулаторите.
Со подршка на УСАИД, се појаснува во соопштението од кабинетот на Грковска, оформена е работна група за сајбер безбедност на критичната информациска инфраструктура каде учествуваат претставници од повеќето релевантни институции, како и од приватниот сектор кои се од клучна важност за нашата држава.
CICWG е форум креиран да ги олесни активностите кои се однесуваат на отпорноста на критичната национална инфраструктура за сајбер-безбедноста во Северна Македонија.