Абазовиќ: Подготвен сум да поднесам оставка под одредени услови

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, во интервју за телевизијата „Вијести“ изјави дека начелно го поддржува ставот на Претседателството на Демократска Црна Гора и дека е подготвен да поднесе оставка.

„Бидејќи мораме да имаме поширок консензус за деблокирање на судството и на Уставниот суд, ајде сите да придонесеме за тоа и да кажеме, одиме на нови избори, реконструкција на владата или некој друг модел, но ајде пред тоа да ја завршиме заедничка работа. Ако е тоа некој пат, јас сум подготвен да поднесам оставка“, изјави Абазовиќ.

Според него, кога се формирала 43-та Влада, целта била да се деблокира европскиот пат.

„Ако успееме заедно да го деблокираме, тогаш сите опции се на маса, вклучително и онаа за која зборуваа демократите и некои други опции“, додаде тој.

Тој објасни дека нему и партијата УРА, која тој ја предводи, се прифатливи за сите опции кои подразбираат дека прво треба да се реши ситуацијата околу деблокадата на судството и посочи дека соопштението на Демократите не го доживува како ултиматум.

На новинарско прашање дали е време да ја предаде палката на друг, Абазовиќ рече дека го прави тоа што го предложила Владата.

„Црна Гора е многу поразлична од 30 август 2020 година и сите процеси што се случија не се случија на штета на Црна Гора. Тоа беше наша обврска. Понекогаш се чувствуваме сами во одбраната на граѓанска Црна Гора, тоа често се манифестира, но најважно е дека процесот продолжува и никој не може да го спречи“, одговори Абазовиќ.

Претходно денеска, Претседателството на Демократска Црна Гора го повика парламентот да не ги разгледува „можните иницијативи за скратување на мандатот пред да бидат избрани четворица членови на Судскиот совет и најмалку еден судија на Уставниот суд“.

Треба да знаете
Последни објави