Белгискиот крал Филип ја прифати оставката на вицепремиерката и министерка за надворешни работи Софи Вилмес, објавија локалните медиуми.
Како што наведуваат, Вилмес не ја напушта политиката, туку ќе се врати како пратеник во сојузниот Парламент.
Кон крајот на април, таа привремено се повлече од државната работа за да се грижи за нејзиниот сопруг Кристофер Стоун, кој боледува од рак на мозокот.
Во својата оставка, Вилмес наведува дека болеста на нејзиниот сопруг ќе биде тешка битка и дека таа сака да биде со него и нивните деца, а нејзината владина работа нема да го дозволи тоа.
Премиерот Александар де Кро рече дека Вилмес направила храбар избор и дека нејзиниот чин е повод да се цени смислата на животот и она што е најважно во него.
Вилмес влезе во политиката во 2014 година, а една година подоцна беше назначена за министерка за буџет. Учествувала во две влади на тогашниот премиер Шарл Мишел. Кон крајот на 2019 година, Вилмес беше именувана за привремена премиерка.