Украина: Најмалку 20 загинати, меѓу нив и деца, при рускиот напад на Виница

Најмалку 20 цивили загинаа, а десетици се повредени при денешниот руски напад со крстосувачки ракети истрелани од подморница во Црното Море на градот Виница во централна Украина, тврдат украински официјални лица.

Меѓу загинатите има и три деца.

Украинската војска соопшти дека Виница е погодена од три руски крстосувачки ракети Калибр истрелани од подморница, а украинските сили собориле уште две.

Според полицијата, меѓу повредените околу 50 лица се во тешка состојба, а 15 луѓе се водат како исчезнати.

– Крстосувачки проектили погодија два јавни објекта, уништени се куќи, уништен е медицински центар, гореа автомобили и трамваи, информираше претседателот Володимир Зеленски.

Како што тој додаде, „ова е чин на руски терор” и „досега починаа 20 лица”. Тој се обрати на меѓународна конференција, чија цел е процесуирање на воени злосторства извршени во Украина.

Руското Министерство за одбрана досега нема дадено одговор на извештаите од Виница. Инаку, Русија негира оти цели на цивили и тврди дека нејзините сили не извршиле воени злосторства.

Треба да знаете
Последни објави