Велешанец во казино претепал сограѓанин, му ја скинал слезината па искрварил до смрт

По преземени мерки и активности и координација на СВР Велес, СВР Струмица и Основното јавно обвинителство Велес, на 14.07.2022 во 22.45 часот на место викано „Стара Мрдаја” во Стар Дојран, полициски службеници од ОВР Гевгелија го лишиле од слобода Г.Ш.(43) од Велес.

Тој се сомничи дека на 09.07.2022 во казино во Велес го нападнал и му нанел повреди на Д.В.(46) од Велес, кој на 13.07.2022 од здобиените повреди починал во Општата болница во Велес.

По преземени мерки било констатирано дека на 09.07.2022, Д.В. со повреди бил пренесен во болницата во Велес и во службен разговор со полициските службеници изјавил дека не се сеќава како се здобил со повредите, по што самоиницијативно ја напуштил болницата. На 13.07.2022 во својот дом тој бил пронајден во тешка состојба и повторно бил пренесен во болницата каде што починал. По наредба на Јавен обвинител врз телото била извршена обдукција и било утврдено дека смртта настапила како последица на здобиените повреди.

По преземени мерки, извршени разговори со повеќе лица, како и прегледување на безбедносните камери од казиното, било дојдено до сознанија дека сторител на делото е Г.Ш., кој бил пронајден и лишен од слобода во Стар Дојран.

По целосно документирање на случајот и во координација со Основното јавно обвинителство Велес , против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Од Основното јавно обвинителство Велес донеле Наредба за спроведување на истражна постапка против лице на возраст од 43 години за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело – Тешка телесна повреда (квалифицирана со смрт) од чл.131 ст.4 в.в.ст.1 од Кривичниот законик.

-Осомничениот на 8 јули, во вечерните часови, во тоалетот на казино во Велес, тешко телесно повредил едно лице на возраст од 48 години. Како последица од нанесените повреди оштетениот починал.Осомничениот го забележал оштетениот како игра на еден од апаратите во казиното, дошол до него и започнал вербална расправија. Потоа го однел во тоалетот каде физички го нападнал и со тупаници повеќе пати го удирал во пределот на грбот и слабините. Со ударите му нанел тешки телесни повреди како последица на кои дошло до раскин на слезината на оштетениот и загуба на големо количество крв, па на 13 јули тој починал, велат од ОЈО.

Бидејќи постои основан страв дека осомничениот доколку се брани од слобода ќе се даде во бегство, ќе влијае врз сведоците и со тоа ќе ја попречува истражната постапка и дека ќе го повтори истиот вид кривично дело, до судија на претходна постапка на Основен суд Велес е доставен предлог за определување притвор.​​

Треба да знаете
Последни објави