Дебата во Собранието: Пратениците од СДСМ се изроди, а тие од ВМРО-ДПМНЕ се за лечење во Демир Хисар

Дебатата во парламентот за францускиот предлог, освен навивачките реквизити, знамињата и свирежите, ја зачини и говорот полн со омраза и навреди од двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Благиса Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги нападна пратенците од владејачката СДСМ нарекувајќи ги предавници кои решиле да ја погребаат Илинденска Македонија релативизирајќи го францускиот предлог под флоскулата „Моментот е сега“.

– Се превртуваат во гробот и партизаните и илинденците. Овие „људи“ за грст пари се спремни да кажат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека сите учебници ќе одат на ревизија во Софија. И само ако тие одобрат, вашите деца ќе можат да учат. А што ќе учат македонски народе? Дека Гоце Делчев е Бугарин, дека Крсте Петков Мисирков е Бугарин? Дека младинците во Ваташа не ги убил бугарскиот фашистички окупатор? Дека Бугарија не била окупатор, туку администратор. После сите зулуми кои ги направиле тука, замислете ние треба да им се извиниме на Бугарите – рече Ласовска.

Таа смета дека СДСМ ја отворил Пандорината кутија уште кога се сменило името на земјата, а сега власта сака „со едно пусулче од информација брзо да ја погреба Македонија“.

– Кој црн успех изроди едни, го слушате ли крикот на македонскиот народ? Ви велат да не го прифаќате предлогот. Гласно ја прашувам пратеничката Жаклина Лазаревска од Охрид дали ќе ја стави плочата на Самуиловата тврдина во Охрид дека е дел од бугарската историја? Редно е таа чест тебе да ти припадне. А, оние кои се од Кавадарци на кого ќе се поклонуваат во Ваташа, на бугарскиот админстратор или на децата убиени од бугарскиот окупатор?

Ќе гласаат домашните предавници за говор на омраза, нема да смеете да писнете против нив. Полиција на мисла ќе воведуваат демокративе што рушеа режим. Ако ве осудат, ќе одите на некој остров да работите на плантажите за марихуана за да може нарко босот број еден во државата да купи уште некој остров – обвинуваше Ласовска.

Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ излезе со знамето на говорница да и реплицира.

– Овие луѓе што го зборуваат ова се за лечење во Демир Хисар. Ја лажат Македонија, и Левица и ВМРО-ДПМНЕ се платени од странски служби. Им смета што македонскиот јазик ќе влезе како службен јазик во ЕУ. Вас ве мразат партизаните оти соработувавте со окупаторот. Историјата останува наша, а вие патолошки лажете. Ние имаме една цел, за подобра иднина, да живее Македонија, да живее македонскиот народ – порача Коциќ.

Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ веднаш му реплицираше:
– Благонадежното блгарче од Велес е срам за Македонија. Некои македонци можеш да ги лажеш цело време, некои воопшто не можеш да ги лажеш.

 

Треба да знаете
Последни објави