„Јасно и гласно изјавувам дека за мене овој договор, овие документи, оваа информација, заклучоците не се прифатливи и уште од сега напоменувам дека јас немам намера да гласам за уставните измени кои што ќе следат после ова. Јас зборувам како претседател на Социјалистичката партија на Македонија во името на македонските социјалисти и потврдувам ова што претходно го кажав”, истакна Љупчо Димовски, претседател на СПМ и пратеник од коалицијата „Обнова на Македонија” на денешната собраниска седница.
Димовски додаде дека Ковачевски ја донесе Македонија во подредена ситуација иако има дадено заклетва дека ќе го штити интегритетот на државата.
„Меѓутоа жал ми е што не е тука премиерот Ковачевски кој што истовремено е претседател на Социјалдемократскиот совет и кој што ни го нуди ова неприфатливо решение. А, ќе напоменам дека токму тој има дадено свечена изјава односно заклетва дека ќе го штити интегритетот на државата, на Република Македонија и покрај останатите работи дека никогаш нема да ја донесе Република Македонија во подредена ситуација, каква што сега истата е изложена. Премиерот Ковачевски најави широки консултации меѓутоа покрај интерните, внатре коалициони разговори и разговорите со одредени невладини организации и експерти, не смогна храброст ако ништо друго за да бидат навистина широки консултациите да ја повика и Социјалистичката партија на Македонија, како една од најстарите политички партии”, рече пратеникот.
Тој посочи дека Ковачевски влезе во апокалипстично сценарио.
„Вие побарувавте единство, ние ви пруживме рака, но таа рака ја одбивте. Затоа ние единството го градиме со македонскиот народ надвор пред Собрание. Меѓутоа особено ме радува затоа што ваши членови се повеќе и во поголем број се приклучуваат на собраниот народ”, нагласи Димовски.
„А, што е тоа другото што е неприфатливо за нас? Неприфатлив е предлогот за влез во ЕУ затоа што е спротивен на националните интереси на Македонија и го негира националниот идентитет, историја и јазик. Недостасува и до ден денеска и официјален документ, Протокол во кој се образложени условите кои Република Бугарија ги дефинира и во чие исполнување според членот 12 од Договорот за добрососедство ќе зависи целиот интегративен процес на државата. Целата постапка на преставување на францускиот предлог, ургентноста и криење на документи создадоа широк простор за сомневање кај народот дека нешто не е во ред со процесот и дека нешто се крие. Францускиот предлог за проширување на ЕУ е катастрофален, го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на членките на ЕУ да ги блокираат кандидатите. И со таков пристап бугарските барања се надредени над позицијата на Македонија, па затоа предлогот е неурамнотежен и неприфатлив”, нагласи пратеникот.
Димовски нагласи дека Уставот не треба да се отвора пред почетокот на преговорите. И најмалку тоа да биде со реципроцитет.