Спасовски на промоција на истражувачка студија за справување со пожари

Денеска министерот за внатрешни работи Спасовски присуствуваше на промоција на истражувачка студија „Анализа на кризната состојба и справувањето во Република Северна Македонија низ призма на функционалноста на системот за управување на кризи и заштита и спасување”. Во своето обраќање пред присутните во амфитеатарот на Факултетот за безбедност Спасовски посочи дека оваа научно – истражувачка студија во која има статистичко – аналитичка документаристика, може да даде конкретни насоки кон едно стратешко конципирање на целокупниот системот на кризниот менаџмент во сите негови фази – превенирање, планирање, реагирање, спасување и санирање на последиците од пожарите како закана особено изразена во последниве две декади не само кај нас туку и во глобални рамки.

„ Сите ние искуствено низ призмата на пожарите што минатата година се случија со опасна динамика во тек од неколку недели, знаeме дека ниту една институција сама, изолирано не може и не смее да се впушта во менаџирање на таков кризен процес, особено ако неговиот загрозувачки потенцијал е од таков голем обем” истакна Спасовски.

Во тој контекст Спасовски потсети и на полициското делување во случајот со неодамнешниот пожар во Тетово кога припадниците на Хеликоптерската единица при МВР активно учествуваа во гаснењето на опожарениот магацински објект.

„ Водени од нашите согледувања и анализи, но и од нашата примарно законска обврска да бидеме сервис и гарант на сигурноста и безбедноста на сите наши граѓани, по однос на заканите од пожари успеавме во рамки на Одделот за воздухопловни единици да обезбедиме нова и соодветна опрема исклучиво наменета за делување при гаснење на пожари, а проследено со едукативно-тренажен процес за оспособување на нашите полициски службеници за ефектно и квалитетно користење на истата”,  дополни Спасовски нагласувајќи ја подготвеноста на припадниците на МВР за справување со ситуации од овој тип.

Упатувајќи честитки до авторите за посветеноста и вложениот труд министерот изрази убедување дека оваа студија ќе го заземе своето место во заедничките напори за суштинско подигање на сите стандарди на функционирање на кризното делување и секако во конципирање на еден подолгорочен и поквалитетен систем за заштита и спасување во служба на граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави