Германската легенда, светскиот и европски шампион со својата земја, Лотар Матеус, смета дека Бразил е фаворит за освојување на титулата на Светското првенство во Катар (од 21.ноември до 18.декември).
„За мене Бразил е фаворит број еден за освојување на турнирот. Иако ја добија најтешката група. Поединечно тие се неверојатно силни, немаат слаба точка во тимот, стручниот штаб има широк избор на врвни играчи“, изјави Матеус.
Бразил на СП ќе игра во групата со Швајцарија, Камерун и Србија.
„Добро ја познавам и Швајцарија, неколку играчи играат во Бундеслигата, додека Камерун не е силен како Сенегал, не гледам шанса да ја поминат групата. Србија има играчи во најсилните клубови. Нивниот тренер Драган Стојковиќ одлично го мотивира тимот, а има големо искуство од играчките денови, знае како да постигне успех. Играчите слепо му веруваат, па Србија може да биде едно од изненадувањата на Мундијалот“, вели познатиот германски фудбалер, кој денес работи како фудбалски аналитичар и коментатор.