„Да тврди некој дека почетокот на преговорите и сето ова што се случува во изминативе денови нема врска со идентитетски прашања во најмала рака е невкусно, а не само што е невкусно туку и ја навредува елементарната човечка интелигенција. Главниот проблем со почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ се идентитетските прашања и тие најдиректно се однесуваат на македонскиот народ”, истакна Иван Стоилковиќ, претседател на ДПСМ и пратеник од коалицијата „Обнова на Македонија” на денешната собраниска седница.
Стоилковиќ додаде дека секој кој што има намера да тврди спротивно од тоа дека предлогот не се однесува на идентитетските прашања очигледно многу лаже, многу манипулира.
„Јас би сакал да ја тргнам завезата и да ви претставам неколку работи кои што се случуваат во Македонија секогаш кога се отвораат некои прашања и под големата галама секогаш одат некои помали прашања кои прават сериозна штета. Ќе ве потсетам вас и ќе ги потсетам овде присутните екселенции дека Рамковниот договор САД, а не само САД туку ЕУ го прогласија како еден од документите кој што е мошне важен и клучен можеби за стабилноста на Република Македонија. Епа почитувани, ако е тоа така, ќе ве потсетам дека Рамковниот договор во себе содржи три механизма на меѓунационалниот мир, политичката стабилност и довербата во Македонија. И сега ќе ве потсетам што се случи со тие три механизма во изминатиот период, првиот механизам беше Комитетот за односи помеѓу заедниците, сакате да ве потсетам дека Комитетот за односи меѓу заедниците кој што беше преставен како втор дом во Собранието на Република Македонија повеќе не функционира. Комитетот се претвори во сериозно трговска електористичка агенција која ги шета пратениците низ Македонија. Дали сте свесни за тоа? Мислам дека сте информирани? Вториот инструмент за политичка стабилизација на состојбите во Македонија беше т.н. бадентерово мнозинство со кое нели припадниците на помалите етнички заедници и припадниците на албанскиот народ во Македонија не треба да бидат прегласувани кога станува збор за нивните националните права. Со ова што денеска се случува бадентеровото мнозинство ја изгуби својата смисла и содржина затоа што истото во овој момент не се однесува за припадниците на македонскиот народ туку сосема спротивно. И третата работа која е исто така еден контролен механизам кога станува збор за Рамковниот договор тоа е препораките дека сето што се случува во државата треба да биде резултат и да се однесува и да води кон враќање на доверба не само помеѓу политичките партии туку и помеѓу граѓаните и севкупната јавност во Република Македонија. Е, дали ова ја враќа довербата или дали ова е тоа што ја стабилизира политичката состојба во државата”, запраша пратеникот.
Тој посочи дека власта го нарушува уставниот поредок и сето она што е гаранција за политичката стабилност во Македонија.