Тимур Дибиров ја заврши својата мисија во дресот на Вардар. После девет години минати во таборот на македонскиот тим дојде време за разделба, која секако не е лесна ниту за рускиот ракометар, кој во Скопје ги доживеа најубавите денови во својата кариера. Дибиров освои две титули во Лигата на шампиони, како и пехари во домашното првенство, Купот на Македонија и СЕХА-лига.
Откако ППД Загреб и официјално објави дека Дибиров е нивни член, тој се огласи на социјалните мрежи.
„Драги пријатели,веројатно треба да има текст за многу страници, затоа што сакам да ви се заблагодарам на секој од вас, ви благодарам што ми го дадовте чувството да се биде дома, за поддршка, љубов и верба во мене!Ми беше голема чест да го носам дресот на Вардар и горд сум што сум дел од семејството!Сакам да Им се заблагодарам на Македонија,Скопје, Комити, навивачите,Сергеј Самсоненко, сите играчи и вработени во клубот, вие сте засекогаш во моето срце“.
Дибиров девет години го носеше дресот на Вардар, учествуваше во освојувањето на двете титули во Лигата на шампионите. Дибиров во Загреб ќе игра со поранешните соиграчи од Вардар, Иван Чупиќ и Вуко Борозан.
Ова за Тимур ќе биде трет клуб во кариерата, претходно беше дел од Чеховски Медведи.