Македонската машка кошаркарска репрезентација ќе стартува во претквалификациите за пласман на Европското првенство 2025 со нов селектор, откако досегашниот предводник на „црвено – жолтите” Драган Бајиќ и Кошаркарската федерација заемно се спогодија да ја прекинат соработката.
Македонската кошаркарска федерација (КФСМ) соопшти дека Бајиќ го напушта селекторското столче поради здравствени проблеми.
– Од оправдани причини, односно здравствени проблеми со кои се соочува во изминатиот временски период, Драган Бајиќ повеќе не е во можност максимално посветено да одговори на обврските кои со себе ги носи работењето во сениорскиот национален тим, соопшти КФСМ
– Земајќи ја предвид потребата машката „А” селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клупски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката, се додава во соопштението.
Македонската репрезентација идниот месец ги стартува европските претквалификации против Данска, Норвешка и Словачка во рамки на групата Д.