Тренерот на македонскиот фудбалски првак Шкупи, Гоце Седлоски оцени дека ремито од 2-2 е реален исход од синоќешниот натпревар во Загреб и додаде оти очекува полн стадион на реваншот против Динамо во Скопје во рамки на 2. квалификациско коло во Лигата на Шампиони.
– Овие 2-2 се реални, но пред нас се уште 90 минути. Динамо е фаворит, но добредојде во Скопје. Овој резултат несомнено ќе одекне во Македонија, бидејќи сите очекуваа дека ќе загубиме од големиот Динамо, но моите играчи дадоа сè што можеа и јас им честитам, изјави Седлоски на прес – конференцијата по натпреварот.
Фудбалерите на Шкупи поведоа на дуелот на „Максимир” преку Кевен во 26 минута, по што Динамо направи резултатски пресврт со головите на македонскиот репрезентативец Адеми (44) и Петковиќ (86), а само две минути подоцна Цефас му донесе поволен резултат на Шкупи од гостувањето во Загреб.
Реваншот е програмата во вторник на Националната арена „Тодор Проески” во Скопје, а победникот за противник во 3. квалификациско коло, најверојатно, ќе го има бугарски Лудогорец, кој синоќа обезбеди предност од 3-0 по првиот натпревар на домашен терен против ирскиот шампион Шамрок.