Вили Вебер, човекот кој се грижеше за кариерата на Михаел Шумахер, тврди дека семејството на легендарниот возач го отфрлило по несреќата која Михаел ја доживеа на скијање во француските Алпи. Тој исто така тврди дека семејството лаже за здравствената состојба на седумкратниот светски шампион во Формула 1.
Михаел Шумахер, имаше несреќа на скијање на француските Алпи во 2013 година кога се спушташе по необележан дел од патеката во одморалиштето Мерибел и изгуби контрола над скиите, падна и удри со глава во карпа. Тој веднаш по несреќата со хеликоптер беше пренесен во најблиската болница во критична состојба.
Шумахер беше подложен на две операции, по што беше ставен во индуцирана кома, од која излезе во јуни 2014 година, а неговата портпаролка потврди дека може да слушне и да реагира на допир.
Исто така, беше објавено дека Шумахер ја напушта болницата во Гренобл и продолжува со опоравувањето во својот дом на Женевското езеро. Неговата сопруга Корина и остатокот од семејството не сакаат да зборуваат за состојбата на Михаел, па ова создаде многу површни информации.
„Се обидов да стапам во контакт со Корина стотици пати. Таа не ми одговори. Му се јавив и на Жан Тод, кој ми рече да не одам во болница, да чекам бидејќи беше рано. Кога се јавив следниот ден, никој не ми одговори. Не очекував такво однесување и сè уште сум лут поради тоа. Ме турнаа настрана велејќи дека е прерано, а сега е веќе премногу доцна. Поминаа девет години. Време е да ја кажат вистината“, изјави Вебер.
„Можев да разберам каква беше ситуацијата кога се случи, на крајот на краиштата, секогаш правев се за да го заштитам приватниот живот на Мајкл. Но, оттогаш од нив не добивме ништо освен лаги“, додаде тој.