Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров денеска во Скопје одигра нерешено со софиска ЦСКА.
На ФФМ тренинг центарот „Петар Милошевски” во Скопје имаше изедначена игра на двата тимови, а тренерот на Македонија Ѓорче Петров, Муарем Бајрами, на прес-конференција по натпреварот истакна дека е задоволен од играта.
– Македонија Ѓорче Петров покажа борбеност, организација и покажавме дека сме спремни за вакви натпревари. Одигравме многу агресивни и добри 45 минути, покажавме дека можеме да се носиме со големи екипи и можам да кажам дека во првиот дел бевме подобар ривал, рече тој.
Дополнувајќи дека е задоволен од прикажаното и резултатот на крајот.
– Моите момци излегоа во вториот дел и одиграа како што треба. Нашата цел ја исполнивме, а можевме и да победиме. Убеден бев дека ќе одиграме одличен натпревар, противникот беше добро анализиран, дополни тој.
Тимот на Македонија Ѓорче Петров играше со играч помалку во второто полувреме од натпреварот, откако кон крајот на првото Матеус Ламос доби два жолти картони.
Реваншот е по една недела во Софија, а поуспешниот тим продолжува на европската сцена во 3. квалификациско коло во Конференциската лига во кое ќе игра со победникот од пресметката меѓу Сент Патрик од Република Ирска и словенечка Мура.