Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години не успеа да се пласира во полуфиналето на Европското првенство „Б” Дивизија, откако попладнево во Тбилиси загуби од Естонија со 81-59.
Естонците, кои во групната фаза имаа максимален ефект од четири победи, ја оправдаа фаворитската улога во четвртфиналната пресметка со „црвено – жолтите” и во текот на целиот натпревар го контролираа резултатот.
Избраниците на македонскиот селектор Никола Василев заминаа на полувреме со негатива од десет поени (43-33), а беа немоќни да направат резултатски пресврт во продолжението.
Репрезентацијата на Естонија континуирано ја зголемуваше предноста во третата и четвртата четвртина и на крајот со убедлив триумф над Македонија обезбеди полуфинале на ЕП во Грузија.
За македонските кошаркари на турнирот во Тбилиси преостанува да разигруваат за пласман од 5 до 8 место.