Кардиохирургот Сашко Кедев утрово го искачи вториот највисок врв на светот К2 (8.611 метри), кој е дел од планинскиот венец Каракорам и се наоѓа на границата на Пакистан и Кина.
Кедев беше дел од 23-члена меѓународна експедиција, во која покрај 13-мина шерпаски водичи, имало и планинари од Кина, Германија, САД, Шведска, Канада, Холандија и Јапонија.
„Пресреќни сме што можеме да споделиме дека целиот тим успеа да стигне на вториот највисок врв на светот денеска меѓу осум и девет часот по локално пакистанско време“, соопшти организаторот на турата „Имеџин Непал“.
Тој со ова стана првиот Македонец кој искачил четири од 14-те врва повисоки од 8.000 метри, меѓу кои е и Монт Еверест. Првиот Македонец кој го „освоил“ К2 беше Здравко Дејановиќ во јули 2014.
Сашко Кедев стана првиот и единствен Македонец, кој има искачено четири врва од 14-те тн. „осумилјадарки“ (над 8.000 метри). Во април годинава го освои Даулагири, седмиот највисок на светот (8.167), а лани Манаслу, висок 8.163 (осми во светот). Во 2009-та се качи на врвот на Монт Еверест.
Искачувањето на К2 се смета за доста потешко од искачувањето на Монт Еверест. Во јуни 2000 година само 189 лица се имаа искачено на К2, наспроти 1500 лица кои го имаа искачено Еверест на истиот датум. Дури 49 лица загинале на стрмнините на К2, од кои 13 само во 1986 година.