Возачот на Ферари, Шарл Леклер ќе стартува од пол-позицијата на утрешната трка во Формула 1 за Големата награда на Франција, откако беше најбрз во денешните квалификации.
Леклер на патеката „Пол Рикар“ постигна резултат од 1:30.872 минути. Тоа е негова 16 пол-позиција во кариерата и седма во сезоната. Од шесте трки на кои стартуваше како прв оваа сезона, Леклер победи само двапати, во Бахреин и Австралија.
Од втората позиција ќе стартува Макс Верстапен од Ред Бул, кој беше побавен од Леклер за 0,304 секунди.
Третото место во квалификациите го зазеде возачот на Ред Бул, Серхио Перес, со заостанување од 0,463 секунди, а четврти Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 0,893 секунди. Хамилтон во недела ќе ја вози својата 300 трка во Формула 1.
Трката за Големата награда на Франција ќе се вози во недела од 15.00 часот. Првопласираниот Верстапен има 38 бодови повеќе од Леклер во генералниот поредок.