Денешниот список на кошаркари до 18 години кои ќе настапат за Македонија на Европското првенство во Измир -Турција (од 30 јули до 7 август) предизвика големо внимание кај спортската јавност бидејќи селекторот Тони Симиќ не го стави на списокот еден од најтелентираните играчи Рубин Стефанов. Неговото образложение е дека го сторил тоа поради непрофесионален однос во текот на подготвителниот период. Рубин е син на македонската кошаркарска легенда Врбица Стефанов, и важи за еден од најталентираните кошаркари во својата генерација. Има настапи за младински екипи од Италија и од Турција, а беше и дел сениорската репрезентација во финишот од квалификациите за СП 2023, по што се приклучи на подготовките на кадетскиот состав.
Неговиот татко Врбица Стефанов не го крие разочарувањето од односот на некогашниот колега од паркетпот, сега селектор Тони Симиќ, човек за кого вели дека до денеска го сметал за свој пријател.
-Го читам сето она што го кажал Тони Симиќ и искрено не можам да поверувам. Тој е човекот што цело време ми се јавуваше, ме убедуваше Рубин да игра во таа возрасна селекција за да помогне да оствариме добар резултат. Многу добро паметам што зборуваше тогаш, не беше тоа толку одамна, и затоа сум шокиран од она што го кажува сега, не само денеска за син ми, туку и за целокупната визија за репрезентацијата. Затоа и го прашав на почетокот од овие подготовки што се случува, дали можеби има притисок од некого, бидејќи се што правеше беше спротивно на она што го зборуваше до пред извесно време. Го прашав и директно и конкретно за мојот син, дали постои некаков проблем, за јас како родител да реагирам и да го поправам однесувањето. Тој ме убедуваше дека се е во најдобар ред, а истовремено на тренинзите и на натпреварите ја толчеше самодовербата на моето дете. Она што најмногу жалам е што тие успеаја да го спроведат својот план што си го имаа замислено, да го претстават Рубин како непрофесионалец, што е сосема спротивно од вистината“, вели Стефанов.
Врбица смета дека селекторот Симиќ не може да гради авторитет на други деца се додека не почне да го санкционира однесувањето на својот син Теодор.
-Лично ме боли што пред да каже вакви работи не ми се јави да ме извести и излезе по медиуми, со изјави за веб-страницата на федерацијата, а кога јас го прашав ми кажуваше дека се е во најдобар ред. Јас не сакам моето дете да биде како неговото, па гласно да му префрла на врвен стратег како Бајиќ во сениорската репрезентација и да прави дополнителен конфликт. Рубин Стефанов е бојкотиран уште од првиот ден, кога почна со подготовките, му беше ставено до знаење дека не е посакуван таму и се што се случуваше потоа беше иницирана неговата реакција. Кога некое дете ќе стигне на негова возраст до повик во А-селекција, логично е потоа да се надева дека во својата возрасна граница ќе има солидна минутажа. Симиќ тотално ме разочара како човек, пред се бидејќи бевме пријатели. Да го кажеш сето она за едно малолетно дете, да го обвиниш на таков начин за непрофесионализам, не можеш да очекуваш родителите на тоа дете да молчат. Еве јас како татко му одговарам – ако сакаш да зборуваш за професионализам, тргни од своето дете. Сите многу добро знаат дека неговиот син има проблеми за трчање, па се поставува игра за тој да може да се намести и да си има шутерско шоу на натпреварите. Обвинува за реакции на тренинзи, а неговиот син „рогаше баскети“ речиси секој тренинг кога нешто ќе му пречеше. Зарем тоа е професионално однесување“, јавно прашува Врбица Стефанов.