Холивудскиот актер Пол Сорвино почина во понеделник наутро на 83-годишна возраст, јавуваат странските медиуми.
Легендарниот актер починал од природна смрт додека бил покрај својата сопруга Ди Ди Бенки, со која беше во брак од 2014 година.
„Нашите срца се скршени. Никогаш нема да има друг Пол Сорвино. Тој беше љубовта на мојот живот и еден од најголемите изведувачи што некогаш ги краси екранот и сцената“, изјавила оваа актерка за „Дејли мејл“.
Актерот е најпознат на пошироката јавност по улогата на Пол во мафијашкиот филм „Добри момци“ од 1990 година, во кој се појави заедно со Роберт де Ниро, Реј Лиота и Џо Пеши. Сорвино оствари бројни улоги, како во „Црвените“ на Ворен Бити, во „Никсон“ на Оливер Стоун, во „Ракетарот“ и други…
Тој се појави и во десетици епизоди на серијата „Закон и ред“, што го зацементира неговиот статус на „жесток тип“ во очите на многумина гледачи. Глумеше во над 50 филмови и десетици ТВ-серии.
Една од неговите ќерки Мајра Сорвино освои Оскар за „Моќната Афродита“ на Вуди Ален во 1996. Откако таа откри дека била една од жртвите на продуцентот Харви Вајнстин, Сорвино јавно му се закани дека ќе го убие ако некогаш се сретнат.