Германскиот шампион „Баерн Минхен” ја разгледуваше можноста Кристијано Роналдо да се приклучи на клубот, но одлучи да не го стори тоа бидејќи фудбалерот не се вклопува во филозофијата на тимот, изјавил извршниот директор на клубот Оливер Кан.
Иднината на напаѓачот од Манчестер Јунајтед е неизвесна откако тој изрази желба да замине од клубот со цел да игра во Лигата на шампионите.
Јунајтед завршија шести во Премиер лигата изминатата сезона и не успеаја да се пласираат во ЛШ, што претставува главната причина за потенцијалното заминување на Роналдо.
– Дискутиравме за ова бидејќи во спротивно не би ја извршиле нашата работа правилно. Јас лично сметам дека Кристијано Роналдо е еден од најголемите фудбалери на планетава, но мораме да заклучиме дека и покрај почитта кон Роналдо, тој не би се вклопил во филозофијата во моментов, рекол Кан.
Баерн, кој ја освои 10. последователна титула во Бундеслигата сезонава, веќе привлече неколку други фудбалери меѓу кои францускиот тинејџер Матис Тел, холандскиот дефанзивец Матаис де Лихт, напаѓачот Садио Мане, како и дуото од Ајакс Рајан Гравенберг и Нусир Мазруи.