Талентираниот Андоноски нов кошаркар на шампионот МЗТ Скопје Аеродром

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром го донесе во своите редови 20-годишниот репрезентативец Андреј Андоноски со кого денеска потпиша тригодишен договор, со можност за продолжување на соработката.

Станува збор за еден од најталентираните македонски кошаркари, кој игра на позицијата крилен центар и зад себе има пет средби одиграни за македонската сениорска репрезентација.

Претходно беше еден од лидерите на кадетската, јуниорската и на младинската репрезентација, со која летово настапи на Европското првенство (ЕП), дивизија Б во Тбилиси.

– Од Андоноски очекуваме да биде еден од предводниците на МЗТ Скопје во идниот период, односно достоен наследник на генерациите кои досега доминираа во макбаскетот носејќи го сино-белиот дрес, соопшти попладнево клубот од Аеродром.

Андоноски е десеттиот кошаркар со кој во моментов располага тренерот Александар Петровиќ, по Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Американците Бре Ајви, Мајк Кафи и Еван Максвел, како и српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Тука се и талентираните Димитар Иванов, Бојан Величковски и Марко Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави