Легендарниот тренер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон се врати во клубот од „Олд Трафорд” и ќе има советодавна улога, пренесуваат британските медиуми.
Фергусон по девет години се враќа во клубот во кој се прослави како тренер, прифаќајќи ја поканата од извршниот директор на „Црвените ѓаволи”, Ричард Арнолд.
Оперативецот на Манчестер јунајтед формирал тело во кое го повикал и прославениот челник на клубот Дејвид Гил, поранешниот капитен Брајан Робсон и актуелниот фудбалски директор Џон Муртау.
Сите тие ќе имаат советодавна улога, а според британските медиуми, Фергусон ќе има најголемо влијание врз работата на клубот од 2013 година, кога се повлече во пензија и ја заврши тренерската кариера на „Олд Трафорд”.
Фергусон ќе дава совети во врска со сите аспекти на работата на клубот во кој како тренер освои 38 трофеи, вклучувајќи и 13 титули во Премиер лигата и две во Лигата на шампиони.