Холивудскиот актер Џони Деп за само неколку часа заработи околу 3,5 милиони долари продавајќи ја својата деби колекција на платно.
Само неколку часа по објавувањето на понудата на Инстаграм, Деп продаде 780 дела, кои ги купиле 37 галерии, меѓу кои и лондонската Ковент Гарден. Колекцијата на актерот, насловена Пријатели и херои, се состои од портрети на луѓе кои го инспирирале, како Кит Ричардс од бендот Ролинг Стоунс и актерката Елизабет Тејлор.
-Отсекогаш сум ги искажувал чувствата преку уметноста. Постојано сум опкружен со уметност, но моите сопствени слики до сега ги чував за себе. Се ограничив, но мислам дека никој не треба да се ограничува, вели педесет и деветгодишниот актер.
Актерот вели дека работата на портретите, на кои се појавуваат актерот Ал Пачино и музичката легенда Боб Дилан, го натерале „да размислува за оние што му се најважни, како семејството, пријателите и луѓето на кои им се восхитува“.
Сите 780 портрети беа продадени за само неколку часа во четвртокот. Индивидуалните слики во рамка чинат околу 4.700 долари, а портфолиото со четири слики нешто помалку од 18.000 долари.
Објавата на Деп на Инстаграм предизвика предизвика пад на веб-страницата на продажната галерија Castle Fine Art.
Во соопштението за медиумите, галеријата ја опиша работата на актерот како „спој на поп-арт и улична уметност“, но и „емотивна поп-арт“. Галеријата долго време преговара со Деп за поставување изложба и продажба на неговите дела, а очекува и во иднина да биде домаќин на слични настани.
Продажбата дојде еден месец по завршувањето на правниот процес што Деп го водеше во Америка против неговата поранешна сопруга Амбер Херд. Поротата во таа постапка го оцени како клеветнички написот од 2018 година, кој Херд го напиша за американскиот весник Вашингтон пост, во кој таа тврди дека преживеала семејно насилство.
На Деп му беа доделени 15 милиони долари отштета. Судењето меѓу Деп и Херд траеше шест недели и беше емитувано на телевизија.
Херд доби една од трите противтужби, успешно тврдејќи дека публицистот на Деп ја клеветил, а поротата и додели отштета од 2 милиони долари.
Случајот следеше откако Деп го тужеше весникот Сан во ноември 2020 година, поради напис во кој беше наречен „маж кој тепа жени“. Деп потоа загуби на суд, а судијата рече дека весникот докажал дека наводите во написот се „суштински вистинити“.
На почетокот на овој месец, Деп продаде серија незаменливи токени (NFT), наречени Никогаш не се плаши од вистината, во која беа прикажани и неговите блиски пријатели и херои.
Така, тој собра речиси 800.000 долари за добротворни цели.