Сто години од раѓањето на Тале Огненовски, основоположник на македонската народна музика за кларинет

Тале Огненовски (1922-2012) ги постави темелите на македонската традиционална музика за кларинет и ја оформил рамката за тоа како треба да изгледа македонското народно оро за кларинет. Одбележувајќи ја годишнината од раѓањето, но и придонесот на легендарниот кларинетист Тале Огненовски, неодамна на фестивалот „Илинденски денови”, професорот м-р Благојче Трајковски промовира капитално дело кое сведочи за животот на Огненовски, бројните награди и признанија, а ги публикува и неговите авторски ора како нотен текст.

-Интерпретаторскиот придонес на Тале Огненовски, но и неговиот композиторски придонес беа поттик за мене како професионален музичар и кларинетист, стручно и аналитички да го проучам и публикувам неговото дело и посебно развојот на чалгиската музика која со појавувањето на Огненовски, македонскиот мелос и македонската чалгија ја доби целосната своја физиономија како единствен таков вид на интерпретација, вели професорот Трајковски.

Тале Огненовски е роден во битолското село Брусник во 1922 година, во семејство каде музиката се пренесува од колено на колено, а музичката жица ја наследува од прадедо му Огнен кој одлично свирел кавал, потоа дедо му Ристе кој исто така свирел кавал, а татко му Јован одлично свирел на гајда.

-Тале Огненовски се смета за основоположникот на македонската традиционална музика за кларинет. Првиот контакт со кларинетот го имал на 15 годишна возраст на една прослава во Брусник, а откако сите се воодушевиле од неговиот вроден талент, на иницијатива на родителите и со помош на локалниот поп Спасе, биле собрани средства и од словенечкиот град Цеље на Тале му бил купен и подарен професионален кларинет. Од тогаш или од 1946 до 1951 година Тале Огненовски свирел во битолската околија, во битолските културно уметнички друштва „Светлост”, „Стив Наумов” и „Илинден”, а често настапувал во живо во програмата на Радио Битола која била најслушана кога тој настапувал со својот кларинет, раскажува професорот Трајковски.

Од Битола патот и кариерата на Огненовски продолжуваат насекаде низ светот со бројни настапи, концерти, фестивали…Во 1951 година на фестивал во Опатија-Хрватска, освојува прва награда, во 1956 година почнува да работи во Ансамблот „Танец” во Скопје, а истата година учествува на турнеи во САД и Канада, а подоцна и во Франција, Романија, Швајцарија и други држави.

-Тале Огненовски својата прва грамофонска плоча ја снимил во 1963 година настапувајќи како солист и во придружба на оркестарот Галевски-Нанчевски. Снимките биле направени во студиото на РТВ Белград и за прв пат се слушаат „Битолско свадбарско оро”, „Битолско оро” и „Пелистерско оро”. Во 1965 година прмовира уште една грамофонска плоча со неговите „Преспанско оро”, „Кумово оро”, „Деверово оро” и „Диховско оро”, а со формирањето на неговиот „Тале Огненовски Оркестар” како придружба учествува во проекти на истакнати вокални интерпретатори како што се Пепи Бафтировски, Ристе Пулевски, Анка Гиева, Александар Сарев и многу други. Но, кларинетот на Тале Огненовски се забележува и во песни на Васка Илиева, Никола Бадев, Јонче Христовски, Виолета Томовска, Кирил Манчевски и други, посочува авторот Трајковски.

Богата е домашната архива на семејството Огненовски каде грижливо се чуваат бројните награди и признанија здобиени во текот на неговата музичка кариера. Малкумина знаат дека Тале Огненовски за време на Втората светска војна бил и активен партизан, борец на Народно ослободителниот баталјон „Страшо Пинџур”, а од 20 декември 1943 година и дел од Втората Македонска ударна бригада.

– За учеството во Втората светска војна, Тале Огненовски е награден со „Орден за храброст”, а во 1966 година добива „Орден на братството и единството” со сребрен венец, признание доделено со Указ потпишан од Јосип Броз Тито, како и „Орден на заслуги за народот” со сребрена ѕвезда. Но, од моите истражувања утврдив и други награди и признанија, спомен плакети и благодарници како што на пример е благодарницата од Комисијата за одбележување на 600-годишнината од основањето на селото Брусник, награди за животно дело и секако најголемото признание, наградата „11-ти Октомври” која му беше врачена во 2003 година, а од 2012 година до крајот на својот живот беше носител на признанието „Национална пензија” за придонес во македонската култура, истакна професорот Трајковски.

Издавач на книгата „Тале Огненовски, основоположник на македонската народна музика за кларинет” од авторот професор м-р Благојче Трајковски е НУ Центар за култура-Битола. На 270 страници, Трајковски низ одличен анаратив и фото илустрации го афирмира творечкиот опус и на најдобар можен начин ја одбележува 100 годишнината од неговото раѓање.

Професор м-р Благојче Трајковски од Битола, работи како наставник по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје и е доцент на Музичката Академија во Штип на отсекот за Чалгиска музика. Со најновото авторско дело ја потврди својата успешна истражувачка и педагошка работа, но и мисија за зачувување на македонското музичко богатство, а како професионален кларинетист даде директен придонес за македонскиот кларинетизам.

Треба да знаете
Последни објави