На состанокот, покрај тимовите на e-GA и УСАИД, учествуваа и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, како и претставници од Агенцијата за електронски комуникации.
Вицепремиерката Грковска истакна дека од исклучително значење за Република Северна Македонија е сите проекти кои, преку странски партнери се реализираат во земјава, да бидат меѓусебно координирани и комплементарни, за да не дојде до преклопување, но и за да се зголеми нивната ефикасност.
Таа истакна дека естонската Академија за е-Владеење, со поддршка на Европската унија веќе започнува нов проект за сајбер безбедност во земјава, поради што е важно тимот на e-GA да биде во постојана координација со претставниците на УСАИД кои веќе заедно со македонската Влада работат на зајакнување на сајбер одбраната од повеќе аспекти.
Раководителката на програмата за сајбер безбедност во e-GA, Мерле Маигре нагласи дека откако e-GA со поддршка на Европската унија направи анализа на состојбите во земјите од регионот на Западен Балкан, проектот влегува во втора фаза која значи преземање на конкретни активности и мерки во Северна Македонија. Тоа, истакна Маигре, е многу важно имајќи ја предвид безбедносната состојба со која се соочуваме во моментов, односно нападот на Русија врз Украина.
Во таа насока министерот Алити истакна дека врз, основа на анализата на e-GA за состојбата со сајбер безбедноста во земјите од Западен Балкан, Република Северна Македонија веќе постапува на критичните аспекти за изградба на сајбер безбеден еко систем.
Претставничката од УСАИД Дон Кармин, ја поздрави иницијативата на Вицепремиерката Грковска и нагласи дека редовната координација со E-GA ќе биде од големо значење во реализацијата на проектите.
Проектот на УСАИД во делот на сајбер безбедноста се фокусира на неколку клучни аспекти, а тоа е енергетиката, банкарството и финансиите, како и комуникациите и технологијата, но и на градење на дигитална отпорност на системот. Исто така, претставниците од УСАИД оценија дека треба да се посвети внимание и на јакнење на капацитетите на универзитетите и факултетите.
Вицепремиерката Грковска оцени дека свеста за сајбер безбедноста треба да се јакне на сите нивоа, вклучително и кај официјалните лица и раководителите на државни институции.
На крајот на состанокот беше договорено преку координација на Кабинетот на вицепремиерката Грковска да има редовни состаноци кои ќе се одржуваат еднаш месечно.