Лидерот на мјанмарската влада која е поставена од војската, генералот Мин Аунг Хлаинг, денеска најави продолжување на својот мандат за уште шест месеци додека земјата се подготвува за изборите, за кои рече дека ќе се одржат следната година.
Војската ја презеде власта на 1 февруари минатата година од демократски избраната цивилна влада на Аунг Сан Су Чи.
Причината за пучот на војската е наводната кражба на општите избори во ноември 2020 година, на кои партијата Национална лига за демократија на Аунг Сан Су Чи победи со убедлива победа, додека партијата поддржана од војската помина лошо.
Независните набљудувачи на изборите рекоа дека не нашле докази за значителни нерегуларности, а преземањето на власта од страна на војската предизвика широки ненасилни протести низ целата земја.
Безбедносните сили употребија сила за да ги растераат протестите, што предизвика вооружен отпор на продемократските сили.
Ескалацијата на насилството го турна Мјанмар во граѓанска војна.
Генералот и шеф на владејачкиот државен административен совет, Мин Аунг Хлаинг, денеска изјави дека е продолжена вонредната состојба, што беше прогласена по минатогодишното преземање на власта во земјата.
Хлаинг изјави дека е потребно време „ за земјата да продолжи да работи на враќањето на патот на мирен и дисциплиниран повеќепартиски демократски систем и одржување повеќепартиски демократски општи избори”.
Војската првично најави дека новите избори ќе се одржат една година по преземањето на валста, но подоцна најави дека тие сепак ќе се одржат во 2023 година.