Премиерот Димитар Ковачевски останува на веќе познатиот став во врска со референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ и за што се уште траат партиските консултации за референдумското прашање. И Ковачевски и лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вчера од Тетово, каде започна кампањата за советници за вонредните избори на 20 август, ги повторија своите различни позиции по ова прашање. Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и оценува дека станува збор за манипулација која, како што вели, Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано. Во интервју се изјасни и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека прашањето за референдум е суверена одлука и нема да го коментира, но дека сепак тука треба да се погледне наназад и да се види широката слика.
Ковачевски вчера порача дека референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ е нерелевантен и дека земјата ги почна преговорите за влез во ЕУ. Според него, најавениот референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба.
-Прво, Република Северна Македонија на референдум при осамостојувањето се изјасни дека сака независна држава членка на ЕУ и на НАТО. ВМРО – ДПМНЕ е партија која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалиционен партнер Левице се единствените две партии кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа доминантниот број на пратеници 68 што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ, рече Ковачевски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба идеолошки да расчисти кај себе дали сака да ја види државава во ЕУ или не. Пораката до опозициската партија на премиерот Ковачевски е дека Северна Македонија ги почна преговорите и тоа со чист македонски јазик, со заштитен идентите и потврдено не само од Владата туку и од претседателката на ЕК и од потпретседателот на ЕК.
– Оваа држава од денот на одржување на првата меѓувладина конференција го започна патот за зачленување во ЕУ. Од тој пат нема назад, нема ниту лево, а уште помалку десно односно кон истокот, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кое треба да биде изјаснување против зачленување во ЕУ, изјави Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на оваа изјава наведувајќи дека со одење против референдум Ковачевски го помножи народот со нула, а народот ќе му покаже дека тој е нула.
Подоцна лидерот на партијата Христијан Мицкоски во изјава за медиумите исто така од Тетово, каде почнаа изборите за локалниот совет истакна дека консултациите што ги прави партијата за референдумското прашање течат и многу скоро на следната седница на Извршниот комитет ќе се разговара на таа тема и јавноста ќе ги знае нивните чекори за референдумското изјаснување.
-Коментирав дека имаме напредок во ставот на претседателот Пендаровски. Гледам дека и тој јавно застанува позади идејата за референдум. Дури отиде и чекор понапред предложи текст на прашање и отприлика и двајцата конвергираме кон една таква суштина на тоа прашање. Очекувам дека за разлика од Ковачевски тој ќе биде помудар и ќе излезе и ќе ги повика граѓаните но и останатите политички партии да го подржат референдумското изјаснување, рече Мицкоски.
Коментирајќи ја изјавата на премиерот Ковачевски дека референдумот ќе биде нерелевантен бидејќи земјата почна преговори за влез во ЕУ, Мицкоски кажа дека тој е „нелегитимен премиер” и оти колку е референдумот релевантен ќе се види во Тетово на 20 август кога ќе се гласа за советници.
-Само нелегитимен премиер поставен на начин на кој што е така поставен може гласот на народот да го смета за нерелевантен, а колку тој е релеватен ќе види овде во Тетово на 20 август кога советничката листа на СДСМ ќе доживее класичен дебакл од граѓаните на Тетово, а на следните парламентарни избори тој лично и неговите политики како нелигитимен премиер ќе доживеат дебакл од граѓаните на Македонија, изјави Мицкоски, кој денеска беше на состанок со партискиот огранок во Тетово со што започна кампањата за изборите.
Претседателот Пендаровски, зборувајќи во телевизиско интервју дали е за референдум за францускиот предлог, рече дека тоа што Мицкоски ги прави е политичка мобилизација на неговото членство.
– Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш во ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, толку, рече Пендаровски.
Тврдам, дополни Пендаровски, дека на вака чисто прашање, про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
– Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија…, рече Пендаровски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во неделното интервју на Радио Слободна Европа изјави дека со начинот на којшто договорот е направен, преговорите се отворени, скринингот започна и оти имавме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес.
-Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза, да одите на наредната точка е потребно да има друга меѓувладина конференција, рече Гир.
Одржувањето на таа меѓувладина конференција, како што додаде, зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати земји.
– Секако, тоа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму. Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија, рече Гир.
Прашан да го искоментира најавениот референдум, евроамбасадорот рече дека „за одржување на евентуален референдум јас повторно ќе кажам дека ова е суверена одлука за оваа земја да ја направи затоа нема конкретно да коментирам за тоа”.
– Но, повторно можеби може да се вратиме наназад и да ја видиме големата слика овде. Стратешкиот избор кој оваа земја го направи бројни години е да влезе во ЕУ и процесот сега започна. Зошто е важен. Има бројни јасни причини зошто оваа земја ќе има корист од членството во ЕУ и ЕУ ќе има корист да ве има како дел од семејството. На економска страна, ЕУ е најголемиот единствен пазар во светот и исто така ваш сосед. Ова нуди огромни можности за бизнис, за трговија, за инвестиции, за подобрување на животниот стандард и средствата за живот, за осигурување дека младите луѓе ќе ги развијат неопходните вештини да се натпреваруваат на пазарот на труд во овој поголем единствен пазар. Но, не е само тоа. Има и други многу јасни бенефиции од членството во ЕУ, оценува Гир.
На ВМРО-ДПМНЕ останува, вели тој, да ја постави својата позиција на овие различна прашања, како што е на сите партии да го направат тоа.
– Не сакам да навлегувам и да давам ставови за специфични партии. Ние сме спремни да разговараме со сите партнери кои се посветени на евроинтегративниот пат, рече Гир.
Во Тетово вчера започна кампањата за вонредните избори за Советот на општината, а исто така кампањата почна и во Маврово и Ростуше и во Центар Жупа каде на изборите на 20 август треба да се изберат градоначалници.
Иако годишните одмори се во тек, кампањските активности таму ги започнаа речиси сите партии, а на средба со општинските ограноци во Тетово вчера беа и лидерите на двете најголеми партии на Македонците СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, Ковачевски и Мицкоски. Алијанса за Албанците и Беса одржаа промоции на кандидатите за советници.
Кампањата за избор на градоначалници во Општина Маврово и Ростуште и Центар Жупа започна исто така вчера и ќе трае до 18 август.