Руските пратеници денеска поднесоа предлог-закон со кој се забранува посвојување руски деца од граѓани на „непријателските“ земји, додека тензиите растат поради воената интервенција на Москва во Украина.
Доколку биде усвоен, овој предлог би го проширил законот од 2012 година кој им забранува на семејствата од САД да посвојуваат руски деца, пренесува AFP.
Забраната во тоа време предизвика негодување, при што критичарите на Кремљ истакнаа дека руските сирачиња – од кои многумина имаа физички или ментален хендикеп – станаа жртви на јазот меѓу Вашингтон и Москва.
Новиот нацрт-закон, кој, како што пренесува Гардијан, е објавен на официјалната веб-страница на Државната дума, предлага забраната да се прошири и на граѓаните на земјите „кои се однесуваат непријателски“ против Русија.
Откако Западот воведе невидени санкции кон Москва поради одлуката на Путин да испрати војници во западна Украина на 24 февруари, Русија постојано ја прошируваше листата на земји што ги нарекува „непријателски“.
На листата сега се САД, Австралија, Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја и сите земји-членки на ЕУ.
За да стапи во сила, нацрт-законот треба да биде одобрен од двата дома на рускиот парламент и потпишан од претседателот Владимир Путин.
Во 2012 година, Москва им забрани на американските семејства да посвојуваат руски деца за да го казни Вашингтон за воведување закон за санкционирање на руските службеници вклучени во затворската смрт на адвокатот Сергеј Магнитски во 2009 година.
Откако беше воведен тој закон, бројот на руски деца посвоени од странски семејства драстично се намали.
Државната новинска агенција Тас објави дека 240 руски деца биле посвоени во странство во 2019 година, во споредба со 2.604 во 2012 година,пренесе Денес.рс.