Киевскиот академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански” со Шекспировата „Кротењето на опаката” вечер ќе настапи на „Охридско лето” во рамки на драмскиот дел од фестивалската програма. Режијата е на Викторија Шевченко.
Дел од актерската екипа денеска на прес-конференција изнесоа детали за претставата, но и начинот на работа во услови на војна.
Раководителот на одделот за култура, националности и религија на градскиот совет на градот Буча, Виталиј Томнњк потенцира дека војната во Украина, не само што го спречува нормалното функционирање на културниот сектор, го уништува културното наследство, туку, како што кажа, ги одзема и животите на многу цивили меѓу кои и професионалните уметници.
– Секој го брани својот фронт, воен, волонтерски. Секој има свое оружје. А за нас тоа оружје е културно и уметничко. Украинските музички групи, пејачи, театарски колективи ширум светот одржуваат хуманитарни концерти за поддршка на вооружените сили на Украина и на жртвите од војната. Во оваа војна веќе не може да се поставува прашање дали има место за културата. Бидејќи оваа војна е токму борба за нашата украинска култура, рече Томњук.
Актерот Владислав Красиков, кој го игра ликот на Петручио вели дека е многу тешко, но имаат надеж дека нивната културна порака ќе ја слушне целиот свет.
– Сигурен сум дека војната ќе заврши на наша корист и токму тогаш ќе ја однесеме културата на едно повисоко ниво, истакна Красиков.
Во однос на претставата „Кротењето на опаката” посочи дека е несекојдневна и многу специфична. Режисерката Шевченко променила речиси се од делото на Вилијам Шекспир, односно пристапила со специфична шминка, костими и завршувајќи со тоа што имала храброст да смени и дел од текстовите.
– Шекспир малку го скративме, малку го препишавме, а по нешто и додадовме. Но сметам дека на сите гледачи ќе им се допадне оваа интерпретација. Во нашата земја се води војна, финалето ќе биде многу интересно и секој од гледачите ќе може да го толкува на свој начин, рече Красиков.
Актерката Маргарита Овчарова смета дека современата интерпретација на Шекспир ќе им биде интересна на многумина.
Селекторката на драмскиот дел од програмата на „Охридско лето” Сања Арсовска изрази задоволство што во тешки и неподносливи услови за живот во Украина, гостува нивни театар.
– Се радувам што вечерва украинските актерите наместо со звуците на аларм за тревога, на проектили и истрели, ќе играат и ќе се чувствуваат безбедно токму на сцената на Фестивалот, истакна селекторката Арсовска.
Првата половина од годинашното фестивалско издание, директорката Наташа Поповиќ го оцени како успешно со квалитетна програма и полни гледалишта.
– За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас е доказ дека „Охридско лето” и годинава понуди квалитет и содржини привлечни и атрактивни за пошироката публика, нагласи Поповиќ.
Досега на сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура љубителите на уметноста уживале во 29 културни настани со светски и наши врвни уметници кои оставија свој белег и го подигнаа квалитетот на оваа наша најголема музичко-сценска манифестација.