Ортопедскиот хирург д-р Тодор Ношпал почина денеска во Скопје, соопшти семејството на социјалните мрежи. Имаше 60 години. На последните локални избори во 2021 тој беше кандидат на Интегра за градоначалник на Скопје.
Откако дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Ношпал кариерата ја почна на Клиниката за ортопедски болести во Скопје каде до 2012 извршуваше и раководни функции. Во 2012 доби отказ од Клиниката бидејќи наводно издавал службени тајни и ја повредил работната дисциплина, со тоа што во јавноста открил дека тешко болна пациентка не добива ортопедско помагало поради бирократски процедури. Една година подоцна, Апелационот суд пресуди дека бил незаконски отпуштен од работа.
Отакако замина од Клиниката, работеше во неколку големи приватни клиники во земјава, а во 2020 отвори сопствена приватна пракса. Според неговата стручна биографија, извршил над 7.000 ортопедски оперативни интервенции од кои 80 отсто примарни имплантации и ревизии на ендопротези на колк и колено.