По повод денешниот национален празник Илинден, честитка до сите Македонци каде и да се упати единствената македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
– МАЕИ на сите Македонци каде и да се им го честита големиот национален празник Денот на државноста на Македонија – Илинден! Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден, стои во честитката потпишана од претседателот на партијата, Васил Стерјовски.
Се додава дека прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 и Првото заседание на АСНОМ 1944 „со гордост се поклонуваме на нашите претци кои ги положија своите животи за слободата на Македонија”.
Честитка по повод Илинден упати и Македонското друштво “Илинден”- Тирана.
– Почитувани Македонци и Македонки во Република Албанија и насекаде во светот, од име на македонско друштво „Илинден” најсрдечно Ви го честитаме Денот на Републиката, втори август и двата историски Илиндена, 119 години од Илинденското востание и 78 години од Првото заседание на АСНОМ. Нека ни е честит националниот празник Илинден и нека е вечна нашата татковина, Македонија, стои во честитката потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.
Се додава дека Илинден е ден кога ги славиме и се присетуваме на голем број револуционери и борци, кои со својата крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ.